Servet Günerigök
11 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
ВАШИНГТОН
САД немаат докази дека Кина ги пушта на слобода припадниците на угнетеното муслиманско малцинство Ујгури на северозападниот дел на земјата, изјави американскиот амбасадор за меѓународна верска слобода, Сем Браунбек, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Немаме докази дека тие се ослободени, дури и ако се ослободени, ослободени се во виртуелната полициска држава која ја создаде Кина“, изјави Браунбек за новинарите во Стејт департментот.
Неговите изјави следуваа откако американскиот државен секретар Мајк Помпео објави Извештај за меѓународната верска слобода која се однесува на статусот на верските слободи во секоја држава.
„Ова е ужасна ситуација, а нашата голема загриженост е дека тоа е иднината на она како ќе изгледа угнетувањето, како ќе изгледа тоа за Ујгурите кога тие ќе излезат од логорите“, изјави тој.
Амбасадорот рече дека дури и кога ќе бидат ослободени, Ујгурите ќе се соочат со камери, идентификација и угнетување, кога ќе сакаат да ја практикуваат нивната вера.
„На многу од овие места, во ред сте ако сакате да направите нешто - сакате да стекнете образование, добро. Сакате да работите, добро. Вие сте - нешто - но ако сакате да ја практикувате својата вера, тоа не е дозволено. А доколку тоа го сторите, ќе дојде до последици за вас и за сите останати кои ве повикуваат на мобилниот телефон. Тоа се работите поради кои сме загрижени за она што ќе биде иднината - надвор од Ксиџијанг“, изјави тој.
Тој додаде дека голем број работници се принудени да работат во објекти во Ксиџијанг.
Според извештајот, кинеската Влада побарала принудна репатријација на Ујгурите и на другите муслимани од странски држави и уапсила некои од оние што се вратиле во земјата.
Во него се вели дека сателитските снимки и други извори укажуваат дека Владата уништила џамии, гробишта и други верски места.
Во извештајот се вели дека поединци починале како резултат на повреди здобиени при сослушувања од страна на властите во Ксинџијанг.
Кинескиот регион Ксинџијанг е дом на околу 10 милиони Ујгури. Турската муслиманска група, која сочинува околу 45 отсто од населението на Ксинџијанг, долго време ги обвинува кинеските власти за културна, верска и економска дискриминација.
Околу милион луѓе, или околу 7 отсто од муслиманското население во Ксинџијанг, е затворено во голема мрежа на кампови за „повторно политичко образование“, според американски официјални лица и експерти на Обединетите нации.
Во извештајот минатиот септември, „Хјуман рајтс воч“ ја обвини кинеската Влада за „систематска кампања за кршење на човековите права“ на ујгурските муслимани во Ксинџијанг. Според извештајот од 117 страници, кинеската Влада извршила „масовно произволно затворање, тортура и малтретирање“ на Ујгурите.