Dildar Baykan
04 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
ВАШИНГТОН (АА) – Објавувањето на резултатите од прелиминарните избори, што се одржаа во Ајова за утврдување на кандидатите коишто ќе се натпреваруваат на претседателските избори, кои ќе се одржат на 3 ноември во САД, е одложено поради „недоследности во извештаите“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
59-те претседателски избори што треба да се одржат во САД на 3 ноември 2020 година започнаа со прелиминарните избори што се одржаа денес во државата Ајова.
Процесот на гласање на изборите заврши, но резултатите сè уште не се објавени пред јавноста.
Американските медиуми и општество реагираа на доцнењето на резултатите. Од друга страна, претставниците на Демократската партија на Ајова дадоа писмено соопштение во врска со темата.
„Откривме некои недоследности во извештаите на изборните резултати“, се вели во соопштението.
„Резултатите што ќе бидат објавени треба да бидат точни и доверливи“, се истакнува во соопштението и се додава: „Ова е само грешка во извештаите. Исто така не се работи за хакерство или неовластен пристап до системот.“
Сè уште нема информации за тоа кога ќе бидат објавени резултатите.
- Изборен процес во САД
Претседателските избори во САД, што се одржуваат на секои 4 години, традиционално се одржуваат меѓу кандидатите на Републиканската партија и Демократската партија. Некои мали партии и независни кандидати што учествуваат во трката немаат никакво влијание во процесот за избор на претседател.
Партиите утврдуваат кои ќе бидат претседателските кандидати на своите партиски конгреси на крајот од предизборниот процес, на кои присуствуваат голем број кандидати.
Во предизборниот процес се спроведуваат два вида избори утврдени со партиското раководство на секоја држава, како што се партиски состаноци и прелиминарни избори.
По предизборниот процес, Демократската партија официјално ќе го објави својот кандидат за претседател во Милвоки меѓу 13-16 јули, а Републиканската партија во Шарлот меѓу 24 и 27 август.
На претседателските избори што ќе се одржат во вторник на 3 ноември гласачите главно ќе гласаат за делегатите на партијата што ја поддржуваат. Со системот наречен „Изборен колеџ“, во САД ќе бидат утврдени вкупно 538 делегати.
Кандидатот што ќе достигне повеќе од половина од овој број, односно 270 делегати, ќе стане претседател.