Servet Günerigök
08 Април 2020•Ажурирај: 08 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Во САД вчера беа потврдени 1.885 смртни случаи предизвикани од Ковид-19, што е најголем број на дневно ниво забележан во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, вкупниот број смртни случаи предизвикани од Ковид-19 изнесува 12.895, а бројот на потврдени случаи на заразување 398.809.
Повеќе од 22.000 лица се излекувале од вирусот.
Потврдата за новите смртни случаи дојде по неколку часа откако американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека оваа недела ќе биде „многу болна“ за САД кога станува збор за смртните случаи предизвикани од новиот тип коронавирус.
Слично предупредување во неделата упати и генералот Жероме Адамс, кој рече дека оваа недела ќе биде една од најтешките и најтажните за земјата.
„Ова ќе биде најтешка и најтажна недела во животите на повеќето Американци. Ова ќе биде нашиот Перл Харбор и нашиот 11 септември, но нема да биде локализиран, туку ќе се случува низ целата земја“, изјави Адамс.
Њујорк е најтешко погодена држава од пандемијата на Ковид-19 со речиси 5.400 смртни случаи. Потврдени се повеќе од 138.000 случаи на заразување.
САД се земја со најмногу потврдени случаи со коронавирус, а потоа следуваат Шпанија, Италија и Германија.
Во светот се регистрирани над 1,4 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е повеќе од 82.000.