Dildar Baykan Atalay
13 Декември 2022•Ажурирај: 14 Декември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Вашингтон смета дека погубувањата поврзани со демонстрациите во Иран се знак за тоа колку иранските лидери се плашат од сопствениот народ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс на прес-конференција го коментираше второто погубување во Иран во врска со демонстрациите што ја зафатија земјата.
„Најостро го осудуваме овој брутален чин“, нагласи Прајс.
Тој рече дека јавното извршување на последното погубување во Иран е направено за да се заплаши јавноста.
„Овие објави се показател за тоа колку лидерите во Иран всушност се плашат од сопствениот народ“, рече Прајс.
Во врска со демонстрациите во Иран, вчера беше погубен Маџид Риза Рахневерд, кој беше осуден на смрт под обвинение за „убиство на двајца припадници на милицијата (Бешиц) и ранување на четири лица“ во градот Машхад.
Најмалку 11 лица се осудени на смрт во врска со демонстрациите што започнаа по смртта на дваесет и двегодишната Махса Емини во ирански притвор и траат веќе три месеци. 23-годишниот Мухсин Шикари беше погубен на 8 декември.
Реакциите на смртните казни во врска со демонстрациите се зголемуваат во Иран и во странство, а Обединетите нации (ОН) ја осудија егзекуцијата на Шикари.