Beyza Binnur Dönmez
02 Август 2019•Ажурирај: 03 Август 2019
АНКАРА
Соединетите Американски Држави (САД) денес официјално се повлекоа од Договорот за нуклеарни сили од среден дострел (INF), поради, како што е наведено, постојано кршење на договорот од страна на Русија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повлекувањето од Договорот стапува на сила денес, бидејќи „Русија не успеа да се поврати кон целосно и потврдено почитување со уништување на нејзиниот несоодветен ракетен систем на крстаречки ракети со среден дострел“, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент.
„Русија е единствено одговорна за пропаѓањето на договорот“, и таа последователно и систематски отфрли шест години американски напори во кои се бараше усогласување на Русија со Договорот“, се вели во соопштението.
Стејт департментот истакна дека иако САД ѝ дале на Русија „последна можност да ја исправи својата неусогласеност“ во текот на изминатите шест месеци, „Русија избра да ги задржи своите некомпатибилни ракети наместо да се усогласи со обврските кои произлегуваат од договорот“.
Рускиот развој на „ракетен систем што го крши договорот претставува директна закана за Соединетите Американски Држави и нашите сојузници и партнери“ и руското неусогласување со договорот ги загрозува интересите на САД“, се додава во соопштението.
„САД ја ценат покажаната „стабилна соработка“ и решеноста на сојузниците на НАТО како одговор на руското нарушување на Договорот“, велат од Стејт департментот.
Преку соопштение, НАТО, исто така, ја обвини Русија за пропаѓањето на Договорот.
„Русија денес останува во состојба на кршење на Договорот за ИНФ, и покрај долгогодишниот ангажман на САД и сојузничките сили, вклучувајќи ја и последната можност во текот на шесте месеци да ги исполни своите обврски кон Договорот. Како резултат на тоа, одлуката на САД да се повлечат од оговорот, одлука целосно поддржана од сојузниците на НАТО, сега стапува на сила“, се вели во соопштението.
„НАТО ќе одговори на одмерен и одговорен начин на ризиците што ги носи руската ракета „9М729“ за безбедноста на сојузниците“, се додава.
Договорот за ИНФ се смета за камен-темелник на европската безбедност во ерата по Студената војна, по неговото потпишување од страна на САД и Русија во 1987 година. Договорот им забранува на обете земји да поседуваат и тестираат проектили за лансирање од копно со дострел помеѓу 500 до 5.500 километри.
Во октомври 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп најави напуштање на пактот, обвинувајќи ја Москва за негово кршење.
Во февруари, САД го започнаа процесот на повлекување од Договорот за ИНФ, кој треба да заврши за шест месеци.
Како одговор на тоа, рускиот претседател Владимир Путин потпиша предлог-закон за суспендирање на обврските на Москва кон Договорот за ИНФ на 3 јули.