Kasım İleri
24 Ноември 2020•Ажурирај: 24 Ноември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека со борбениот авион од моделот „Ф-35A“ ја тестирале нуклеарната бомба од типот „Б61-12“ во реална големина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на лабораторијата „Сандија“, која потпаѓа под јурисдикција на Националното управување со нуклеарната безбедност на Министерството за енергетика на САД, се вели дека со борбениот авион од типот „Ф-35А“ на полигонот „Танопа“ во Невада го тестирале моделот на бомбата во целосна големина, која не содржела нуклеарни компоненти.
За време на тестот, авионот ја лансирал бомбата од типот „Б61-12“, сместена во внатрешниот дел од авионот резервиран за муниција, додека летал со суперсонична брзина на височина од 10.500 стапки (3.200 метри), а бомбата ја погодила целта за 42 секунди.
„За разлика од другите авиони, „Ф-35А“ носи муниција во затворен оддел. Во последниот пробен лет беше лансирана комплетно опремената бомба „Б61-12“ од затворениот оддел за муниција на авионот, а станува збор за прво лансирање од овој вид при брзина од 1 Мах (1.234 км на час) и повеќе“, се вели во соопштението.
Американската лабораторија во март ги тестираше овие вооружени системи со борбените авиони од типот „Ф-15Е“ и бомбардерите од типот „B-2 Спирит“.
Во државниот документ за нуклеарна енергија на САД е наведено дека се планира воените авиони од петтата генерација од типот „Ф-35А“, кои можат вертикално да полетаат и да слетаат, да се користат како платформа за нуклеарни бомби.