Övünç Kutlu
09 Септември 2020•Ажурирај: 10 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, денеска е номиниран за Нобеловата награда за мир за посредувањето во контроверзниот договор за нормализација на односите меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Номинацијата е поднесена од Кристијан Тајбринг-Гједе, четиримандатен член на норвешкиот Парламент, кој за „Фокс њуз“ (Fox News) кажа зошто претседателот е заслужен за оваа номинација.
„Мислам дека тој вложи многу поголеми напори за да создаде мир меѓу народите отколку повеќето други номинирани за наградата за мир“, рече Тајбринг, кој воедно е и претседател на норвешката делегација во Парламентарното собрание на НАТО.
„Како што се очекува, и останатите земји од Блискиот Исток да ги следат стапките на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), овој договор може да биде придвижувачот што ќе го претвори Блискиот Исток во регион на соработка и просперитет“, цитираше Тајбринг дел од своето образложение во писмото за номинација до Нобеловиот комитет.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел на 13 август соопштија дека склучиле договор со посредство на САД за нормализирање на односите, како и за отворање амбасади.
Палестинските власти и фракциите на отпорот го осудија договорот, велејќи дека тој не ѝ служи на палестинската кауза и ги игнорира правата на Палестинците.
Палестинските власти соопштија дека секој договор со Израел треба да се заснова на Арапската мировна иницијатива од 2002 година врз принципот „земја за мир“, а не „мир за мир“, како што вели Израел.
Трамп, лидер кој е познат по својата склоност кон преферирање пофалби, и кој и сега се соочува со тешка борба за реизбор, сигурно ќе ја поздрави номинацијата.
Тајбринг-Гједе и претходно во 2018 година го номинираше Трамп за наградата, по неговиот самит со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Оттогаш односите меѓу Трамп и Ким се влошија, а се шпекулира дека Ким следниот месец ќе претстави ново моќно оружје.