Gözde Bayar
07 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
АНКАРА
Шумскиот пожар поттикнат од силните ветрови и соборените далноводи во западната американска сојузна држава Колорадо предизвика штета во вредност од повеќе од 513 милиони долари и уништи речиси 1.100 дома и други објекти, според извештаите на локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Последната проценка во приградската област помеѓу Денвер и округот Болдер во четвртокот, вели дека пожарот предизвика штета на станбени објекти од најмалку 513,2 милиони долари, додека 1.084 дома се срамнети со земја“, објави „Денвер пост“.
Најголемата штета била забележана во и околу градовите Луисвил и Супериор.
Истражувачите сѐ уште се обидуваат да ја утврдат причината за шумскиот пожар, додека експертите велат дека слични инциденти ќе станат почести, бидејќи предградијата се наоѓаат во области подложни на пожар поради климатските промени.
Пожарот, кој започна во округот Болдер на 30 декември, за кратко време им се закани на урбаните области поради силните ветрови до 169 километри на час.
Остатоците од жртвите во пожарот се пронајдени за време на спасувачките напори, додека две лица сѐ уште се водат како исчезнати.