Michael Gabriel Hernandez
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ја повикаа Северна Кореја да ги запре провокациите по неодамнешното пробно лансирање на, како што истакнаа земјите од регионот, напредна хиперсонична ракета, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сметаме дека е обврска на ДПРК [Демократска Народна Република Кореја] да ги запре овие провокации, да покаже дека и тие се заинтересирани и серозни за овој дијалог, и доколку се, кај САД и кај нашите сојузници ќе најдат подготвени страни кои ќе се вклучат во овој дијалог“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, користејќи акроним кој се однесува на официјалното име на Северна Кореја.
Прајс истакна дека САД не поставуваат предуслови за продолжение на преговорите со Северна Кореја.
Лансирањето на балистичката ракета вчера е второ лансирање на, како што тврди Северна Кореја, новоразвиени хиперсонични ракети. Јужна Кореја, исто така рече дека се чини оти станува збор за хиперсонична ракета, која развила брзина 10 пати поголема од брзината на звукот или околу 12.400 км на час.
По лансирањето, Јужна Кореја изрази силно жалење и го повика Пјонгјанг да одговори на нејзиниот повик за дијалог, според новинската агенција „Јонхап“.
„Северна Кореја треба да избере соработка за мир наместо дејствија што се противат на напорите за градење мир на Корејскиот Полуостров, како што е најновото лансирање на проектили, во овој клучен момент кога се вложуваат напори за стабилизирање на политичката ситуација околу полуостровот,“, се вели во веста во која се цитира претставник на Министерството на Јужна Кореја за обединување.
Во октомври минатата година, Северна Кореја за првпат потврди дека развила хиперсонична ракета и ја тестирала.
Хиперсоничните ракети обично летаат петпати побрзо од брзината на звукот, или 6,125 километри на час, давајќи им малку време на непријателите да одговорат.