Ekipa
12 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Северна Кореја денеска соопшти дека успешно го извршила последното тестирање на својата новоразвиена хиперсонична ракета, објавија државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, заедно со други високи владини функционери беше сведок на тестирањето спроведено од Академијата за одбранбени науки во вторникот, според Корејската централна новинска агенција.
Соопштението е издадено еден ден откако јужнокорејската војска соопшти дека забележала како Пјонгјанг истрелал сомнителна балистичка ракета во Источното Море.
По нејзиното испалување од ракетниот засилувач, балистичката ракета погодила цел во водите на оддалеченост од 1.000 километри.
Ова беше второ тестирање на Северна Кореја на нејзината новоразвиена хиперсонична ракета за една недела.
Според „Јонхап“, по лансирањето во вторникот, Јужна Кореја изразува силно жалење и го повика Пјонгјанг да одговори на повикот за дијалог.
„Северна Кореја треба да избере соработка за мир наместо дејствија што се противат на напорите за градење мир на Корејскиот Полуостров, како што е најновото лансирање на проектили, во овој клучен момент кога се вложуваат напори за стабилизирање на политичката ситуација околу полуостровот,“, се вели во веста во која се цитира претставник на Министерството на Јужна Кореја за обединување.
Во октомври минатата година Северна Кореја потврди дека развила хиперсонична ракета.
Хиперсоничните ракети обично летаат петпати побрзо од брзината на звукот, или 6,125 километри на час, давајќи им малку време на непријателите за одговор.