Ruslan Rehimov
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
БАКУ (АА) - Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека Вооружените сили на Ерменија во текот на ноќта отвориле оган врз азербејџанските позиции на границата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека единиците на Ерменските вооружени сили синоќа од 23:20 по локално време до 5:10 часот отвориле оган врз селата кои се наоѓаат на границата.
Исто така, се наведува дека Ерменија без никаква конкретна причина ја ескалира ситуацијата на границата на двете земји и ги прекршува нејзините обврски кои произлегуваат од тристраните декларации (декларации потпишани меѓу Азербејџан, Ерменија и Русија).
Отворањето оган врз азербејџанските позиции е опишано како „намерна воена провокација и воена авантура“.
Понатаму во соопштението се наведува дека на провокациите е одговорено адекватно и пропорционално и дека во судирите нема жртви од Азербејџанската армија.
Се додава дека ситуацијата во регионот е релативно мирна и под контрола на азербејџанските војници.
Со оглед на можноста Ерменија дополнително да ја затегне ситуацијата на границата, во соопштението се истакнува дека Азербејџанската армија ќе продолжи да ги штити границите на земјата со зголемување на мерките на претпазливост.
Вчера напладне, како последица од огнот отворен од страна на Ерменските вооружени сили загина азербејџански војник, а по инцидентот ситуацијата во регионот стана тензична.