Diyar Güldoğan
14 Декември 2022•Ажурирај: 15 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије, Азербејџан и Туркменистан се договорија за понатамошно унапредување на соработката во неколку области, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со заедничката декларација усвоена на Самитот, нашите шефови на држави ја истакнаа нашата волја за унапредување на нашата соработка до највисоко ниво. Потпишавме пет документи од полето на енергетиката, трговијата и економијата, царината, транспортот, науката, образованието и културата“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференцијата со неговите колеги од Азербејџан и Туркменистан.
Денеска во западниот туркменски град Аваза се одржа трилатерален Самит меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и туркменскиот претседател Сердар Бердимухамедов, на којшто се разговараше за чекорите за продлабочување на соработката меѓу трите земји во различни области.
Чавушоглу истакна дека една од најважните точки на агендата на трилатералниот Самит била зајакнувањето на енергетската соработка меѓу трите земји.
„Подготвени сме да преземеме заеднички чекори за туркменистанскиот природен гас во корист на трите земји и поради тоа решивме да формираме работна група за ова прашање“, додаде тој.
Турскиот министер рече и дека со договорите потпишани на Самитот во областа на трговијата и царината земјите дополнително ќе ја унапредат меѓусебната економска соработка.
„Визијата за соработка претставена денеска ќе придонесе за просперитетот и стабилноста не само на трите земји, туку и на соседните земји“, рече тој.
Трите земји потпишаа пет договори во различни области, меѓу кои трговијата, културата, енергетиката и транспортот, кои имаат за цел да ја зајакнат соработката.