Mohamed Sabry Emam Muhammed
14 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
РИЈАД
Саудискиот министер за енергетика, Калид ал Фалих, изјави дека денеска вооружени беспилотни летала (дронови) извршиле напади на два нафтоводи во Саудиска Арабија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нападите беа насочени на две пумпни станици за нафта на нафтоводот исток-запад, преку кој саудиската нафта се транспортира од источната покраина до пристаништето Јанбу“, изјави министерот за енергетика, а пренесе државната новинска агенција СПА (SPA).
Тој изјави дека нападите предизвикале пожар на пумпната станица, кој подоцна бил ставен под контрола.
Телевизијата „Ал Масира“ (Al-Masirah) претходно денеска објави дека портпаролот на јеменската група Хуси изјавил оти бунтовниците извршиле напади врз саудиски нафтовод, без да даде какви било детали.
Новинската агенција СПА јавува дека саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ (Aramco), ја запрела работата на нафтоводот како мерка на претпазливост по нападите.
Саудиска Арабија вчера изјави дека два нафтени танкери биле погодени во саботажни напади на брегот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ден откако ОАЕ соопштија дека четири трговски бродови биле цел на саботажни напади недалеку од брегот на пристанишниот град Фуџаира.
„Последните акти на тероризам и саботажа во Арапскиот Залив, насочени кон важни капацитети, не се насочени само кон Кралството, туку и на безбедноста на набавките на нафта во светот и глобалната економија“, рече Ал Фалих.
„Овие напади уште еднаш докажуваат дека е важно за нас да се соочиме со терористички ентитети, вклучувајќи ги и Хусите во Јемен, кои се поддржани од Иран“, рече тој.
Ал Фалих, сепак тврди дека снабдувањето и извозот на сурова нафта и производи на Саудиска Арабија функционира нормално без застој.