Gözde Bayar
16 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Саудиска Арабија има за цел до вечерва да поврати една третина од загубата на нафта, чие производство го прекина поради нападите со беспилотни летала, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Волстрит џурнал“ (Wall Street Journal) објави дека загубата од речиси 6 отсто од светското производство на нафта поради нападот со беспилотни летала врз две нафтени постројки на Саудиска Арабија, ја зголемија цената на суровата нафта.
Весникот наведува дека нападите спречиле дневно производство од 5,7 милиони барели нафта.
„Би требало до вечерва да произведеме 2 милиона барели нафта“, соопштија саудиски претставници.
Весникот наведува и дека саудиските претставници дискутирале и за испорака на нивните дополнителни залихи, со цел задоволување на потребите на краток рок.
На 14 септември, две беспилотни летала изведоа напад врз два саудиски погона за производство на нафта во Абкаик и Хураис. Во Абкаик се наоѓа најголемиот погон за производство на нафта на саудиската државна компанија „Арамко“.
По нападите Саудиска Арабија привремено го сопре производството од двата погона, каде што се произведува речиси 2 милиона барели нафта дневно.
Нападите би можеле да предизвикаат пораст на цената на нафтата до 10 долари по барел, што би довело до зголемување на цената на бензинот за 25 центи по галон.
Извршниот директор на „Арамко“, Амин Насер, истакна дека во тек се работите за враќање на производството.
Досега никој не презеде одговорност за нападот. Иако, коалицијата предводена од Саудиска Арабија која моментално се бори против Хусите во Јемен вели дека Хусите и претходно изведувале слични напади.
Хусите поседуваат балистички ракети со среден и долг дострел, и претходно нападнаа одредени стратешки локации на Саудиска Арабија со вооружени беспилотни летала.