Hakan Çopur
16 Септември 2019•Ажурирај: 17 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, во врска со нападот на нафтените објекти во Саудиска Арабија изјави дека ги знае извршителите и порача „Подготвени сме за можен напад“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Трамп на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша објава во врска со бомбардирањето на нафтените објекти на саудиската национална компанија „Сауди Арамко“ (Saudi Aramco).
Во објавата Трамп вели „Извршен е напад врз нафтените полиња на Саудиска Арабија. Имаме причина да веруваме дека го знаеме сторителот и во зависност од потврдата за тоа, фокусирани сме [кон целта], а оружјето е наполнето. Но од Кралството [Саудиска Арабија] сакаме да чуеме кој е одговорен за нападот.“
Трамп напиша дека одговорот што ќе го добијат од Ријад ќе ги одреди условите според кои ќе се стапи во акција.
- „Ќе можат да се користат нафтените резерви“ -
Освен тоа, Трамп наведе дека нападот врз споменатите нафтени објекти нема да предизвика бранување на американскиот пазар на нафта, додавајќи дека е дадена дозвола согласно потребите да се користат нафтените резерви.
Саудиската национална нафтена компанија „Сауди Арамко“ во саботата објави дека во 4:00 часот по локално време е извршен напад со беспилотни летала врз два нејзини објекти, по што избувнал пожар.
Во нападите со беспилотни летала нема загинати или повредени и не е обвинета ниту една страна, но Хусите објавија соопштение во кое наведуваат дека нападот врз нафтените објекти е извршен од нивна страна со 10 беспилотни летала.
Во последно време, Хусите поддржани од Иран и од Јемен, со балистички проектили со кус и среден дострел извршуваат напади врз цели во Саудиска Арабија, чиј систем за воздушна одбрана успева да ги неутрализира овие проектили. Во исто време Хусите користат и беспилотни летала (дронови), со кои напаѓаат одредени локации на саудиско тло.
Подолг период во Јемен владее политичка нестабилност, каде што се води борба меѓу Хусите и актуелната власт која е поддржана од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).