Büşra Nur Bilgiç
22 Септември 2019•Ажурирај: 23 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија изјави дека Иран е одговорен за нападите на „Арамко“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Уверени сме дека ракетите упатени кон Арамко дојдоа од север, а не од Јемен. Саудиска Арабија се обидува да ја лоцира точката од каде што се лансирани ракетите“, рече Адел ал Џубеир на прес-конференција.
„Нападот врз објектите на саудиската нафтена компанија „Арамко“ е извршен со иранско оружје. Затоа ние го сметаме Техеран за одговорен за нападот“, додаде тој.
Беспилотни летала на 14 септември нападнаа две постројки на „Арамко“ во северниот дел на Саудиска Арабија, а за нападот одговорност презедоа јеменските бунтовници Хуси.
Од 2015 година, коалицијата предводена од Саудиска Арабија се бори против бунтовниците Хуси во Јемен, поддржани од Иран. Илјадници Јеменци се убиени, а земјата е турната на работ на глад.
Во последните месеци, Хусите, чии балистички ракети со среден и долг дострел обично се пресретнувани од саудиските системи за противвоздушна одбрана, таргетираа одредени стратешки делови на Саудиска Арабија со вооружени беспилотни летала.