Beyza Binnur Dönmez
17 Октомври 2025•Ажурирај: 20 Октомври 2025
ЖЕНЕВА (АА) - Светската програма за храна на ОН (WFP) испорачува околу 560 тони храна дневно во Газа откако прекинот на огнот стапи на сила на 11 октомври, но предупреди дека испораките се далеку под она што е потребно за да се задоволат итните потреби на населението, јавува Анадолу.
„Прекинот на огнот отвори мал прозорец на можности, Светската програма за храна на ОН (WFP) се движи многу брзо за да достави што повеќе храна и да стигне до семејствата кои се соочуваат со повеќемесечна блокада на помошта, раселување и глад“, изјави портпаролката на агенцијата, Абир Етефа, за новинарите во Женева денес.
Според Етефа, од 11 до 15 октомври, околу 230 камиони превезоа приближно 2.800 тони храна во Газа. Два дополнителни конвои влегоа низ Керем Шалом вчера со пченично брашно и храна, иако тие бројки сè уште се пребројуваат.
„Сè уште сме под она што ни треба, но стигнуваме до таму“, рече таа, истакнувајќи дека дневните просечни испораки на агенцијата достигнале околу 560 тони откако стапи на сила прекинот на огнот.
За побрзо да стигне помошта до семејствата, агенцијата има пет пунктови за дистрибуција на храна низ Газа, со цел да ја прошири таа мрежа на 145 локации.
Портпаролката рече дека достигнувањето на обемот од 145 пунктови за дистрибуција зависи од континуираното пристигнување на камионите.
Етефа, исто така, рече дека во Газа моментално работат девет пекарници, кои произведуваат над 100.000 лебови дневно, секој со тежина од два килограми, и кои можат да прехранат семејство од пет члена еден ден, што значи околу половина милион луѓе од вкупното население на Газа од над 2 милиони.
Светската програма за храна на ОН се надева дека ќе го зголеми бројот на пекарници на 30 низ Газа.
Агенцијата, исто така, однапред распореди речиси 60.000 тони залихи од храна низ Египет, Јордан и во Израел за да ги одржи испораките додека трае прекинот на огнот.
Според бројките од портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (OCHA), Јенс Лаерке, повикувајќи се на израелски податоци доставени до посредниците, 950 камиони влегле во Газа вчера, вклучувајќи осум со гориво и три со гас - 807 преку преминот Керем Шалом и 143 преку преминиот Кисуфим.
Претходниот ден, 716 камиони преминаа, од кои 16 со гориво и гас, при што 623 влегоа преку Керем Шалом и 93 преку Кисуфим.
„Овие вкупни суми опфаќаат помош што влегува преку комерцијалниот сектор, билатерални донации и системи координирани од ОН, при што приближно една третина се управува преку механизмите на ОН“, рече тој.