Gamze Türkoğlu Oğuz
10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
ДАКА (AA) - Светската банка одобри донација од 165 милиони долари за Бангладеш, со цел да бидат користени за араканските муслимански мигранти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Светската банка се наведува дека донацијата од 165 милиони долари ќе го поддржи Бангладеш во закрепнувањето од социјален аспект на араканските муслимани кои избегале од насилството во Мјанмар, и ќе им овозможи да ги задоволат основните потреби.
Според соопштението, бројот на араканските муслимани е тројно зголемен во Текнаф и Укиа Упазила.
Се истакнува дека оваа донација ќе се користи во проектите кои се однесуваат на системите за вода, патиштата, мостовите, канализацијата и осветлувањето.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници лица беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август во 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во Бангладеш побегнале над 745 илјади лица. Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на договорот кој го постигна со Мјанмар за враќање во нивните земји на араканските бегалци кои се наоѓаат во Бангладеш.
Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го нарекуваат етничко чистење или геноцид.