10 Март 2019•Ажурирај: 11 Март 2019
АДИС АБЕБА (АА) - Државната телевизија на Етиопија соопшти дека загинале сите 157 лица во утринската авионска несреќа кај Адис Абеба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Патничкиот авион на компанијата „Етиопијан ерлајнс“ („Ethiopian Airlines“) се урна утринава кратко по полетувањето на редовниот лет од Адис Абеба кон Најроби.
Етиописката државна телевизија јавува дека во несреќата загинале сите 149 патници и 8 члена на посадата. Истиот извор јавува дека меѓу настраданите имало државјани на најмалку 33 држави.
Од компанијата „Етиопијан ерлајнс“ е соопштено дека загинале 32 државјани на Кенија, 17 државјани на Етиопија, а дека преостанатите настрадани лица се уште од 31 држава.
Причината за падот на патничкиот авион „Боинг 737-8 MAX“ сѐ уште не е позната. Станува збор за нов авион кој компанијата го купи во ноември минатата година.