Aldijana Hadzic
08 Мај 2022•Ажурирај: 09 Мај 2022
САРАЕВО (АА) - Секоја година низ светот на 8 мај се одбележува Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, известува Агенција Анадолија (АА).
Овој датум се одбележува на денот на раѓањето на Анри Динан, основачот на Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина и прв добитник на Нобеловата награда за мир. Воедно, со овој датум започнува неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, што трае до 15 мај.
Оваа година низ светот овој ден се одбележува под слоганот „Биди човек“, бидејќи организацијата верува дека хуманоста и љубезноста се најсилни адути во борбата со сите потешкотии со кои луѓето се соочуваат.
На овој ден Федерацијата на Црвениот крст ја слави посветеноста, сочувството, храброста и влијанието на стотици волонтери и професионалци кои се во службата на хуманоста во своите локални заедници.
Во моментов постојат 192 национални друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина со 14,9 милиони волонтери низ светот. Се проценува дека секој 534 жител на светот е волонтер на Црвениот крст или на Црвената полумесечина.
Само во минатата година волонтерите и професионалците на Црвениот крст и Црвената полумесечина заедно им помогнаа на 688 милиони луѓе погодени од катастрофи или други итни случаи, давајќи им над 306 милиони здравствени услуги, а по пат на телефон и видеоповици меѓу семејствата одвоени од катастрофи, насилство, судири или карантин, поддржани се и потпомогнати 1,5 милиони луѓе.