Ekipa
04 Март 2018•Ажурирај: 05 Март 2018
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја е подготвена да влезе во војна со Соединетите Американски Држави (САД) и ќе одбие разговори со било какви предуслови, соопштија од Министеството за надворешни работи на Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
„САД не треба погрешно да ја толкуваат нашата намера за дијалог“, јави државната новинска агенција на Северна Кореја KCNA (КЦНА) цитирајќи го портпаролот на министерството.
„Ние (имаме намера) да ги решаваме проблемите на дипломатски и мирен начин преку дијалог и преговори, но нема да молиме за дијалог, ниту да ја избегнуваме воената опција којашто ја споменуваат САД“, се додава од министерството.
Неодамнешното отворање на Пјонгјанг за разговори со Вашингтон доаѓа по соработката на Северна Кореја со својот јужен сосед на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, минатиот месец.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на крајот од февруари рече дека дијалогот со Северна Кореја може да се случи само под „вистинските услови“, при што претставниците на Вашингтон постојано инсистираа на тоа дека Пјонгјанг мора да се денуклеаризира доколку сака да се спаси од тековните санкции и заканата од воена акција.
Прашањето стана уште посериозно бидејќи претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, минатата недела истакна дека ќе испрати специјален претставник во Северна Кореја, откако лично беше поканет во Пјонгјанг.
Мун претходно го повика својот сосед да разговара со САД пред можниот трет самит меѓу двете Кореи (последниот се случи пред повеќе од една деценија).
Но, надежите за важниот чекор се замаглени со вчерашното соопштение од страна на Северна Кореја која ја опишува денуклеаризацијата според американски услови како „повеќе од смешна“.