Ekipa
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја соопшти дека од 23 до 25 мај ќе одржи церемонија на демонтирање на локациите за нуклеарно тестирање, што би претставувало драматичен, но и симболичен настан во пресрет на Самитот на Ким Џонг Ун со американскиот претседател Доналд Трамп наредниот месец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја денес објави дека сите подземни тунели (локации) за нуклеарно тестирање на североисточниот дел на земјата ќе бидат уништени со експлозив, и дека исто така ќе бидат отстранети и објектите за набљудување и истражување, како и стражарските позиции.
Од Министерството додадоа дека на „церемонијата“ планираат да повикаат новинари од САД, Јужна Кореја, Кина, Русија и од Велика Британија за да го надгледуваат целиот процес.
Севернокорејскиот лидер Ким ги откри плановите за демонтирање на локациите за нуклеарно тестирање на минатомесечниот историски Самит со претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин.