Emre Aytekin
08 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
СЕУЛ/АНКАРА (АА) - Северна Кореја поднесе барање до Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) при Обединетите нации (ОН) со цел поставување нова меѓународна рута на летови која ќе минува низ воздушниот простор на Јужна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“, севернокорејските власти аплицирале во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство за користење на Областа на информации за лет (FIR) во градот Инчхон, во западниот дел на Јужна Кореја, за летовите кои ќе се реализираат од Пјонгјанг кон трети земји.
Потпаролот на јужнокорејското Министерство за надворешни работи, Нох Кју-дук, во изјава за медиумите истакна дека го истражуваат барањето на Северна Кореја поднесено до Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO).
Претставниците на Министерството за надворешни работи оваа иницијатива ја опишаа како чекор кон проширување на односите на Северна Кореја со надворешниот свет, и за проширување на дипломатскиот пристап, и велат дека администрацијата на Пјонгјанг на овој начин сака да даде впечаток дека е една нормална држава, и да ги олесни негативните ефекти од санкциите на ОН.
Овој чекор на Пјонгјанг дојде по историскиот самит кој се одржа минатиот месец помеѓу севернокрејскиот лидер, Ким Џонг-ун, и претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин.
Двајцата лидери се согласија за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров преку декларацијата од Панмунџом потпишан на крајот од Самитот, и претворање на постоечкото примирје во еден постојан мировен договор до крајот на годината преку трилатералните и четирилатералните средби, во кои ќе бидат вклучени и САД и Кина.