Hacer Başer
26 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
ГАЗА (АА) - Палестинско семејство, чиј дом беше уништен во нападите на Израел врз Појасот Газа, го прослави роденденот на нивниот 13-годишен син Махмуд на урнатините од нивната куќа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Семејството Сабих направи маса од циглите извадени од урнатините, а на масата ја постави роденденската торта.
Од друга страна, балоните и разните роденденски украси создадоа убава атмосфера меѓу урнатините.
Семејството не заборави на забавата да ги покани пријателите на нивниот син Махмуд, кое со оваа роденденска забава сака да ги научи децата да бидат среќни и да стојат исправени во секоја ситуација.
Раид Сабих, таткото на Махмуд, во изјавата за Агенција Анадолија рече: „И покрај целосното уништување предизвикано од Израел, ние го прославивме роденденот на мојот син Махмуд. За празникот Бајрам, Израел ја уништи нашата куќа, со тоа ја уништи и нашата радост. Но, денес тука славиме роденден.“
Сабих, исто така, наведе дека и покрај тагата што ја чувствуваат поради уривањето на нивната куќа, ќе продолжат да ги слават празниците.
Израел и Хамас, со посредство на Египет, на 21 мај договорија прекин на огнот, со што се стави крај на израелските напади врз Газа што започнаа на 10 мај.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека во израелските напади врз Појасот Газа од 10 мај досега загинале најмалку 254 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени.