Rabia İclal Turan
11 Ноември 2023•Ажурирај: 17 Ноември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), синоќа изјави дека половина од болниците во Појасот Газа повеќе не работат, нагласувајќи дека здравствениот систем во палестинската енклава е на колена, јавува Анадолу.
„Половина од 36-те болници во Појасот Газа и две третини од центрите за примарна здравствена заштита веќе воопшто не работат“, рече Гебрејесус на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за израелско-палестинскиот конфликт, и додаде:
„Здравствениот систем е на колена, но сепак некако продолжува да пружа помош која спасува човечки животи.“
Како што рече, најдобриот начин за поддршка на здравствените работници е да им се даде помошта потребна за обезбедување нега - лекови, медицинска опрема и гориво за генераторите.
Шефот на СЗО истакна дека во Газа во просек гине по едно дете на секои десет минути, додавајќи дека 1,5 милиони луѓе се раселени и бараат засолниште каде што можат да го најдат.
„Но, никаде и никој повеќе не е безбеден“, нагласи Гебрејесус.
Четири болници, кои имаат околу 430 кревети, се „ставени вон функција“ во изминатите 48 часа, рече Гебрејесус, напоменувајќи дека над 100 вработени на ОН загинале во израелските напади.