Hamdi Yıldız
18 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
РИЈАД (АА) - Коалициските сили предводени од Саудиска Арабија денес соопштија дека вршат воздушни напади врз јеменскиот град Сана како одговор на најновите напади врз Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), од страна на Хусите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Цел на нападите се терористичките водачи северно од главниот град Сана“, саудиската новинска агенција СПА го цитираше соопштението на коалициските сили. „Како одговор на заканите, операциите го прават неопходно продолжувањето со нападите во Сана“.
Во друго соопштение, коалицијата истакна дека ќе биде спроведена сеопфатна операција за неутрализирање на изворите на заканата.
„Одговорните за непријателските напади врз цивили во Саудиска Арабија и ОАЕ ќе одговараат. Коалициските воздухопловни сили спроведуваат 24-часовни воздушни операции над Сана.
Тие ги повикаа жителите на Сана да се држат настрана од заедниците и воените кампови во кои се наоѓаат милициите на Хусите.
Во меѓувреме, Хусите во Јемен, поддржани од Иран, ја презедоа одговорноста за нападите во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), објавувајќи дека целеле објекти на ОАЕ со балистички ракети и дронови.
Беше објавено дека операцијата, наречена Јеменски ураган, „е изведена како одговор на ескалацијата на нападите од Саудиска Арабија, САД и ОАЕ“, се вели во соопштението објавено на каналот Ал-Масира во сопственост на Хусите.
Во соопштението се додава дека аеродромите во Дубаи и Абу Даби, рафинеријата за нафта во областа Мусафах во Абу Даби, неколку важни објекти и области во сопственост на ОАЕ биле цел на пет ракети со балистички крила и голем број дронови.
Хусите ќе ја прошират таргетираната област и ќе вклучат поважни региони и објекти во иднина, се додава во соопштението, во кое се повикуваат странските компании, граѓаните и жителите во ОАЕ „да се држат понастрана од важните региони и објекти“.
Најмалку три лица загинаа, а шест лица се повредени во вчерашните пожари предизвикани од можен напад со дрон во Абу Даби.