İbrahim Khazen,Ali Semerci
25 Ноември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
ЏЕДА (АА) - На снимките што ги објави саудискиот телевизиски канал „Ал Ихрабије“ се гледа како поројните врнежи од дожд на улиците во Џеда создале големи водени површини и како десетици возила се влечени од надојдената вода, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави саудиската официјална информативна агенција СПА, портпаролот на Националниот метеоролошки центар, Хусеин ал Тани, изјавил дека Џеда ја зафатиле многу обилни дождови.

- Најпоројни врнежи од дожд во Џеда од 2009 година
Тани, информирајќи дека врнежите траеле околу осум часа, рекол дека последните врнежи се најобилните врнежи од дожд забележани во Џеда од 2009 година.
Од Општината Мека соопштија дека ги зголемиле подготовките и информираа дека се префрлени 10.000 работници во општините што се наоѓаат во регионот.
Системот за рано предупредување на Националниот метеоролошки центар на Саудиска Арабија, предупредувањето во Џеда поради поројните дождови го подигна на „алармантно“ ниво.

- Оштетени се голем број возила
Од друга страна саудискиот телевизиски канал „Ал Арабија“ објави и дека извршните тела на градот Џеда ги мобилизирале своите тимови за итни случаи и дека екипите на теренот работат на брзо отстранување на водата. Во веста се наведува дека се оштетени голем број возила од силниот дожд што ги поплави улиците на Џеда.
Вчера беше објавена вест дека поради поројните врнежи во Мека биле затворени голем број патишта и тунели, во која се наведува дека во Џеда животот го загубиле две лица.
Властите информираа дека се поплавени некои населби во Џеда, наставата во градот е прекината и запрени се летовите.