Ali H. M.Abo Rezeg,Sorwar Alam
07 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
АНКАРА (АА) - Најмалку шестмина сириски војници загинаа во ракетирањето што САД утринава го изведоа врз воздухопловната база на режимот во Хомс, се вели во денешното соопштение на Командата на сириската армија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението емитувано на сириската државна телевизија, нападот на САД е опишан како агресија којашто ги крши сите меѓународни права и норми и негативно влијае врз способноста на Сириската армија во борбата против тероризмот.
Во соопштението се додава дека командата на сириската армија го осудува продолжувањето на погрешната стратегија на САД, која ја поткопува операцијата за борба против тероризмот што во моментов се спроведува од страна на Сириската армија.
Претходно, сириската државна новинска агенција САНА, цитирајќи сириски воени извори објави: „Една од нашите воздухопловни бази во централниот дел на Сирија, пред изгрејсонце е нападната од страна на САД. Нападот предизвика жртви“.
САД истрела 59 проектили „томахавк“ врз сириската воена воздухопловна база којашто, според американските официјални претставници, е користена за извршување на смртоносниот напад со хемиско оружје во вторникот, се потврдува од Пентагон.
Проектилите се лансирани од американските бродови со дострел до базата.