Ekipa
30 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Делегациите на обединетата сириска опозиција и режимот лојален на сирискиот претседател Башар ал-Асад третиот ден од мировните преговори за Сирија во Женева одржаа состаноци во одвоени простории со делегацијата на ОН, предводена од специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата на сириската опозиција притоа ја предводеше Наср ал-Харири, додека на чело на делегацијата на сирискиот режим се наоѓаше Башар Џафари.
Откако претставниците на сирискиот режим не ги прифатија директните преговори, Де Мистура сепак по првпат успеал во исто време двете делегации да ги доведе во иста зграда на мировните преговори.
Во соопштението на ОН се наведува дека Де Мистура нагласил оти денес успеале да одржат, како што ги нарече, блиски паралелни состаноци.
Се додава дека специјалниот претставник на ОН за Сирија водел шатл (посредничка) дипломатија, така што по разговорот со една делегација заминувал во соседната просторија за да разговара со членовите на друга делегација.
Де Мистура, по состанокот со секоја од делеациите кои траеле по три часа, не се обраќал на новинарите кои се наоѓале пред зградата.
Сепак,Јахја ал-Ариди, портпаролот на сириската опозиција на преговорите, во соопштението наведе дека опозицијата е желна да продолжи со мировните преговори.
„Колку и да потрајат, подготвени сме да продолжиме со учество во мировните преговори“, истакна Ал Ариди.
Потсетуваме, главните точки на осмиот круг преговори се преодната влада, подготовката на нов устав и организирањето слободни избори во Сирија.
Во Женева на 28 ноември започна осмиот круг мировни преговори за Сирија под покровителство на ОН. Првите мировни преговори во Женева се одржани на 30 јуни 2012 година.