Sena Güler
27 Јуни 2019•Ажурирај: 28 Јуни 2019
ИДЛИБ/АНКАРА
Сириските сили денеска го гаѓаа подрачјето во близина на турската набљудувачка точка во Идлиб, северозападна Сирија, во два наврати за период од два часа, јавува Anadolu Agency (AA).
Силите на режимот Башар ал Асад ја нападнаа 10. опсервациска точка во регионот на Завија со артилериски и минофрлачки оган.
Во нападот причинета е материјална штета, а избувнатиот пожар допрва треба да се стави под контрола.
Турските вооружени сили (ТСК) минатата ноќ испратија засилувања во тоа подрачје, бидејќи областа беше неколкупати гаѓана од силите на Асадовиот режим во текот на изминатите три месеци.
Тоа беше шести таков напад во близина на набљудувачкото место, со слични напади од страна на режимот на 29 април, 4 мај, 12, 31 и 8 јуни.
И покрај тоа што Турција и Русија постигнаа договор за прекин на нападите и за претворање на Идлиб во деескалациска зона, сирискиот режим постојано го прекршува прекинот на огнот со изведување на чести напади врз таа зона.
Турската војска постави 12 опсервациски места во деескалациската зона во Идлиб по деветтата рунда мировни преговори во Астана.
Како земја гарант од страната на сирискиот режим, Русија е одговорна за спречување на нападите од режимот на Асад и милициските групи поддржани од Иран, кои континуирано го прекршуваа минатогодишниот Договор склучен во Сочи меѓу Турција и Русија.