Mustafa Çağlayan
17 Февруари 2016•Ажурирај: 18 Февруари 2016
ЊУЈОРК (АА) - Сирискиот амбасадор во Обединетите нации, Башар Џафари изјави дека групата ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, нема само поддршка од САД туку и од режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сириските Курди кои ги поддржува администрацијата на САД, ги поддржува и администрацијата на сириската влада, само толку да знаете”, изјави Џафари за новинарите по завршувањето на затворената седница на ОН, на која се расправаше за последните гранатирања кои ги изведува Турција врз позициите на ПЈД во крајниот север на Сирија.
Седницата е одржана на барање на Русија, постојана членка на Советот за безбедност, а не беа усвоени никакви заклучоци, ниту мерки.
„Победите на војувалиштата на северот на Сирија се заеднички успех на сириската војска и сириските Курди и се во интерес на сите Сиријци. Сите имаат корист од директната поддршка на сириската војска”, рече Џафари.
Статусот на милитантната група ПЈД предизвика тензии помеѓу Турција која ПЈД ја смета за терористичка организација и директен сириски претставник на ПКК и САД кои тврдат дека ПЈД е „релевантен партнер” во решавањето на сириската криза и борбата против терористите на ДАЕШ. Исто е и со милитантната група ЈПГ, која е оружено крило на ПЈД.
Изјавата на Џафари дека сирискиот режим ја поддржува ПЈД е прва потврда за директната соработка на сириската војска со терористите од таа група.
Терористите на ПЈД зазедоа поголем дел од територијата на сирискиот пограничен град Азаз и изведоа неколку артилериски напади на Турција. Турските оружени сили веќе петти ден со артилерија ги гаѓаат позициите на ПЈД, кои се наоѓаат на само шест километри од турско-сириската граница.