Zehra Nur Düz
04 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
ИДЛИБ (АА) - Како последица на постојаните напади од страна на режимот на Башар ал Асад во Сирија и неговите сојузници, околу 40.000 цивили во текот на изминатите два дена беа принудени да ги напуштат своите домови во Идлиб, деескалациската зона во северозападна Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според сириската Координативна група за одговор, голем број лица, како последица на интензивирани напади, принудно ги напуштиле централните области на Идлиб и Аријах и регионите Џебел Завија и Серакиб.
Нападите на режимските сили, терористичките групи поддржани од Иран и руските напади се главни причини за принудната миграција.
Поголемиот дел од раселените лица пристигнале во камповите во близина на турската граница, додека други се засолниле во областите ослободени од терористички елементи по воените кампањи на Турција.
Од 2016 година, Турција спроведе три успешни антитерористички операции преку својата граница во северниот дел на Сирија, за да спречи формирање терористички коридор: „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (октомври 2019).
Со најновите раселувања, бројот на раселени од Идлиб и Алепо од почетокот на минатата година се искачи на речиси 1,68 милион.
Цивилите се соочуваат со големи тешкотии да најдат места за засолниште бидејќи бегалските кампови се преполни и немаат основна инфраструктура. Илјадници семејства имаат сериозна потреба од хуманитарна помош бидејќи се борат да живеат под остри зимски услови.
Во септември 2018 година Турција и Русија се согласија да го претворат Идлиб во деескалациска зона во која актите на агресија се забранети. Оттогаш, повеќе од 1.800 цивили се убиени во нападите од страна на режимот и руските сили во деескалациската зона, при што прекинот на огнот продолжува да биде прекршен.
На 10 јануари Турција објави дека новиот прекин на огнот во Идлиб ќе започне веднаш по полноќ на 12 јануари. Сепак, режимот и терористичките групи поддржани од Иран ги продолжија своите копнени напади.
Повеќе од 1,5 милион Сиријци се преселиле во области во близина на турската граница поради интензивни напади во текот на минатата година.
Турција останува земја со најмногу бегалци бидејќи е домаќин на над 3,7 милиони мигранти од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година.