Betül Yürük
24 Април 2019•Ажурирај: 25 Април 2019
ЊУЈОРК (АА) - Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека односот на Европската Унија (ЕУ), а особено на Европската комисија, кон Турција е неприфатлив и неправеден и дека игрите на ЕУ на тој план претставуваат чин на непочитување кон земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Сијарто во Њујорк одговараше на прашањата на новинарите на АА, а во таа прилика се осврна и на темата за турскиот пат кон членство во Европската Унија (ЕУ).
„Мораме потполно да бидеме искрени, бидејќи ние ја почитуваме Турција, турскиот народ и лидерите на оваа земја. Не ми се допаѓаат игрите кои ЕУ ги игра со Турција и сметаме дека тоа е израз на непочитување. Ако бидеме искрени, во ЕУ има земји кои се противат на членството на Турција во Унијата, нема договор и меѓу земјите кои на тоа би се спротивставиле се и оние големи земји. Поради тоа ние мораме да бараме друг пат во рамките на кој меѓу ЕУ и Турција би се формирал стратешки сојуз“, изјави Сијарто.
Тој нагласи дека Турција се приближува кон својата цел, а тоа е влез меѓу 10-те најголеми економии на светот. Како што изјави, тоа е земја која примила голем број бегалци, со што игра и голема значајна улога кога станува збор за безбедноста на Европа.
„Во таа смисла, имаме потреба од стратешко партнерство и стратешка соработка меѓу ЕУ и Турција. Бидејќи начинот на кој ЕУ се однесува, особено Европската комисија, кон Турција е неприфатлив, неправеден, а тоа е непочитување. Ние мора отворено да зборуваме за тоа. Во ЕУ сигурно постојат силни и големи земји кои ќе се противат на членството на Турција во ЕУ, тоа е факт и треба да се земе предвид“, порача Сијарто.
Осврнувајќи се и на наводите дека Турција од ЕУ се оддалечила поради блиските односи со Русија и Кина, Сијарто констатираше дека критиките и обвиненијата на сметка на Турција во тој контекст се неправедни и полни со предрасуди.
„И кон Унгарија се упатуваат слични обвиненија и критики. Кога ќе ги погледнете оние кои ве или нè обвинуваат дека сме блиски со Кина, можете да забележите дека имаат многу подобри односи со Кина, отколку ние. 90,1 отсто од вкупната трговска размена со Кина припаѓа на земјите на Западна Европа. Унгарија не е таа која на Кина ѝ продава 300 (авиони) Ербас. Во европската политика постои едно лицемерие кога станува збор за односите со Кина и Русија. Оние кои остро ги критикуваат Русија и Кина и нè обвинуваат дека сме блиски со тие земји, истовремено со нив имаат трговија вредна стотици милијарди евра“, изјави Сијарто.
На прашањето во врска со договорот меѓу Европската Унија и Турција за запирањето на бранот мигранти кон Европа, кој е потпишан во 2015 година, Сијарто изјави дека во случај тој договор да не беше потпишан, ЕУ би била соочена со сериозни безбедносни проблеми.
„Турција е земја која има големо значење кога станува збор за безбедноста на Европа. Поради тоа не ми се допаѓаат ставовите на ЕУ кон Турицја и лидерите на тие земји во кои тие се критикуваат. Бидејќи, од една страна ги критикуваме, а од друга страна очекуваме да нè штитат“, изјави Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија кратко се осврна и на одлуките на Турција за купување на рускиот противвоздушен систем „С-400“, односно на критиките на САД и ЕУ упатени кон Турција.
„Од Унгарија никогаш нема да слушнете вакви критики. Тоа е ваша одлука. Нас не нè засега кое оружје ќе го купите и од Унгарија нема да слушнете ништо поврзано со тоа. Од друга страна, во НАТО, САД имаат најголема војска, Турција е на второ место. На двете земји им припаѓа најголемата одговорност кога зборуваме за заштита на Пактот. Каков било судир и да имаат двете земји, коишто ги имаат двете најсилни армии во НАТО, би бил страшен“, изјави Сијарто.