Riyaz ul Khaliq
21 Мај 2019•Ажурирај: 22 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Обединетите нации (ОН) ублажија некои од санкциите против Северна Кореја, овозможувајќи во земјата којашто се соочува со голем недостиг на храна, да биде испорачана помош, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Советот за безбедност при Обединетите нации (СБОН) одобри изземање на санкциите за да му овозможи на Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ) да ја спроведе програмата за помош во Северна Кореја, со цел ’подобрување на здравјето и исхраната на луѓето во осиромашената земја‘“, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Овој потег доаѓа паралелно со напорите на Светската програма за храна и Јужна Кореја за испраќање помош за Пјонгјанг, каде што милион луѓе се соочуваат со недостиг на храна.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ја одобри помошта во вредност од 5,75 милиони долари за да му овозможи на УНИЦЕФ да испорача резерви на вода и да им помогне на болниците во обезбедувањето ефикасен третман, особено за неухранетите деца и мајки.
Северна Кореја е под построги санкции на ОН од 2006 година, кога го изврши првото тестирање во рамките на својата програма за нуклеарно оружје.
Данска ќе го испрати најскапиот сет на материјали, вклучувајќи и опрема за ладен синџир на дистрибуција на вакцини во вредност од 3,87 милиони долари.
„Сетот ќе биде искористен за складирање на вакцини за околу 355.000 деца на возраст под една година и за 362.000 бремени жени“, рекоа од УНИЦЕФ.
„Нашиот персонал ќе изведува редовен мониторинг за да се осигура дека испратената помош ќе се користи за одредената намена“, додаваат оттаму.