Kasım İleri
02 Април 2016•Ажурирај: 03 Април 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Клучниот лидер на екстремистичката група Ал-Шабаб, Хасан Али Дор, е убиен во напад на американски беспилотни летала во Сомалија, потврди вчера Пентагон, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на Пентагон, Питер Кук, рече дека американското летало го лоцирало Дор во четвртокот.
„Сè уште работиме на проценка на резултатите од таа акција”, истакна Кук. Рече дека „елиминирањето” на Дор од боиштето значајно би го нарушило планирањето и изведувањето на акциите на Ал-Шабаб.
Кук, исто така, истакна дека Дор се поврзува со терористичката организација Ал Каеда, но истовремено го водел безбедносното и разузнавачко крило на Ал Шабаб.
Според него, Дор имал директна улога во нападот на Меѓународниот аеродром во Могадишу во 2014 година, каде што загинаа повеќе припадници на Мировната мисија на Африканската унија во Сомалија (AMISOM), како и еден американски државјанин.
Се смета за одговорен за уште неколку напади со смртен исход, меѓу кои и нападот на хотелот "Maka al-Mukarram" во Могадишу минатата година, во кој загинаа 15 лица.