Emel Gözellik
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
ЖЕНЕВА
Агнес Каламард, специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за вонсудски и арбитрарни егзекуции, соопшти дека Иран извршил бројни повреди на човековите права во врска со патничкиот авион на „Украина ерлајнс“, кој беше соборен над Техеран минатата година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Каламард за резултатот од нејзините истраги даде информации од 45 страници кои се испратени до иранската Влада.
Наведувајќи дека недоследностите во официјалните изјави на властите во Иран во врска со инцидентот се направени за да се создаде конфузија и за да не се расветли случајот, Каламард истакна дека се работи за погрешни изјави.
Каламард наведе дека најефективен начин да се спречат нападите врз цивилната авијација е затворање на воздушниот простор, и дека 176 лица немало да ги загубат своите животи ако Иран таа вечер го затворел својот воздушен простор за цивилниот сообраќај.
Истакнувајќи дека властите дозволиле да се ограби местото каде што паднал авионот и дека потоа било дозволено да се исчисти местото со булдожер, Каламард рече дека со тоа било спречено собирањето докази.
Каламард исто така додаде дека Иран извршил многу кршења на човековите права во врска со инцидентот.
- Соборениот украински авион
Патничкиот авион на „Украина ерлајнс", падна на 8 јануари, недалеку по полетувањето од Меѓународниот аеродром во Техеран кон Киев. Загинаа 176 лица кои се наоѓаа во авионот.
Администрацијата во Техеран првин ги одбиваше тврдењата дека иранската војска го соборила авионот, но три дена потоа Генералштабот на иранската војска соопшти дека авионот по грешка е соборен бидејќи е препознаен како проектил. Во авионот се наоѓаа 82 државјани на Иран, 63 на Канада, 10 на Шведска, четворица на Авганистан, тројца на Германија и тројца на Велика Британија.