Ömer Tuğrul Çam
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
БРИСЕЛ
Челниците на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) преку видеоконференција ќе одржат состанок на кој ќе се разговара за вакцините против коронавирусот и мерките преземени во рамките на борбата против пандемијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Самитот на лидерите на ЕУ ќе се одржи на 25 и 26 февруари, а првиот ден од Самитот ќе се разговара за тоа што ЕУ и земјите членки можат да сторат за да го зголемат производството на вакцините, развојот на вакцините, за да бидат ефикасни и против мутацијата на вирусот, забрзувањето на постапките за одобрување и дистрибуцијата на вакцините.
Исто така ќе се разговара за тоа каква порака ЕУ ќе испрати на компаниите кои развиваат и произведуваат вакцини за да ги исполнат своите обврски преземени со договорите со Европскиот блок.
Една од темите на разговорите би можела да биде и употребата на вакцините развиени во Русија и Кина во земјите на ЕУ, а кои сѐ уште не се одобрени за употреба во Европската Унија.
Официјалните претставници на ЕУ особено истакнуваат дека одговорноста за употреба на неодобрени вакцини ја сносат државите членки. Унгарија е прва земја на ЕУ која започна да ја користи вакцината развиена во Кина.
Една од темите на дневниот ред ќе биде и „потврдата за вакцинација“. Челниците на земјите на ЕУ ќе работат на заеднички пристап околу воспоставување на таквата потврда и одредување во кои цели може да се користи.
На Самитот на лидерите на ЕУ ќе се разговара и за ограничувањата на патувањата во Европската Унија. Европската комисија претходно критикуваше некои земји на ЕУ поради наметнување на граничните контроли и забрани.
Вториот ден од виртуелниот Самит ќе се разговара за прашањата за одбрана и безбедност во јужното соседство.
Вториот ден од заседанието, на кое ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе се разговара за соработката меѓу ЕУ и НАТО.
Планирано е да се разговара и за документот под називот „Стратешки компас“, чија цел е јакнење на заедничката одбранбена и безбедносна политика.
Челниците на земјите на ЕУ исто така во рамките на јужното соседство ќе разговараат за односите со земјите на јужниот дел на Медитеранот.