Ekipa
20 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Американскиот синџир на кафулиња „Starbucks“ (Старбакс) планира да вработи 2.500 бегалци во Европа до 2022 година, како дел од глобалниот проект што го најави во јануари оваа година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Популарниот синџир на кафулиња денес соопшти дека овој број е дел од планот во наредните пет години во светот да се вработат 10.000 бегалци.
„Starbucks“ соопшти дека при вработувањето ќе соработува со агенции што им помагаат на бегалците, и тоа во Велика Британија, Франција, Австрија, Швајцарија, Шпанија, Португалија, Германија и во Холандија.
Советот за бегалци, кој работи на заштита на правата на бегалците во Велика Британија, го поздрави партнерството истакнувајќи дека ваквиот чекор би можел да направи позитивни промени во животите на бегалците.
„Бегалците донесуваат неверојатно богатство од вештини, знаења и искуства коишто се исклучително корисни за општеството“, изјави Морис Врен, извршен директор на Советот за бегалци.
„Starbucks“ во јануари соопшти дека сака во следните пет години да вработи лица кои бегаат од војни, прогон и дискиминација во 75 земји во коишто е присутен овој бренд.