Muhammed Bilal Kenasari
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - По одлуката на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, амбасадата на оваа земја во Израел од Тел Авив да се премести во Ерусалим, американскиот Стејт департмент потврди дека зградата на амбасадата во Ерусалим (Кудс) ќе биде свечено отворена на 14 мај, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Како Стејт департмент горди сме на фактот дека на 14 мај ќе биде отворена зграда на нашата амбасада во Ерусалим. Со овој процес ќе претседава амбасадорот Дејвид М. Фридман, а делегацијата ќе ја предводи заменик-министерот за надворешни работи, Џон Саливан, министерот за финансии, Стивен Мнучин и советниците Џеред Кушнер и Иванка Трамп“, пишува во соопштението на Стејт департментот.
Наведено е, исто така, дека во таа пригода ќе биде одржан состанок на заменик-министерот Саливан и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Претходно беше соопштено дека во Ерусалим (Кудс) ќе бидат поставени патокази за американската амбасада.
Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација, Саиб Арикат, ги повика сите државни претставници, дипломати и претставници на невладините организации да го бојкотираат отворањето на амбасадата на САД во Ерусалим (Кудс).
Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа на 6 декември 2017 година, изјави дека Ерусалим го признава како главен град на Израел, и најави преместување на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.