Gamze Türkoğlu Oğuz
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
ТАЛИН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека Северна Кореја претставува глобална закана со својот став за тестирање на балистички проектили, став кој ја доведе оваа земја во фокусот на светската јавност, јавува Anadolu Agency (AA).
Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, пристигна во посета на трупите на НАТО во Естонија, кои дејствуваат во рамките на програмата Напредно присуство на НАТО (NATO's enhanced Forward Presence), при што упати повик до Северна Кореја да се откаже од нуклеарната програма. Тој истакна дека е потребно да избегнуваат понатамошни тестирања, и рече дека е потребно да се даде заднички одговор наспроти ставот на оваа земја, кој претставува глобална закана.
Во Естонија се наоѓа и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, која истакна дека „постои можност од воен судир кој би претставувал многу сериозна опасност и за регионот, и за Земјината топка во целост“.
Могерини посочи дека е потребно да се дејствува по пат на дијалог, на мирен и дипломатски начин, и додаде: „Веруваме дека поголемите дипломатски и економски притисоци можат да дадат резултат“.
Кон крајот на минатата недела, Северна Кореја објави дека тестирала хидрогенска бомба која може да се постави на интерконтинентален балистички проектил.
Јужна Кореја информираше дека Пјонгјанг, почнувајќи од 2006 година, го извршила 6. нуклеарно тестирање, најсилно досега. Геолошкиот истражувачки центар на САД информираше дека тестирањето предизвикало земјотрес од 6,3 степени.