Ali H. M.Abo Rezeg
03 Јуни 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
КАРТУМ (АА) - Најмалку 13 демонстранти загинаа, а стотици се повредени денес, кога суданските безбедносни сили спроведоа акција во главниот протестен камп во близина на седиштето на Армијата во главниот град Картум, соопштија организаторите на протестите, јавува Anadolu Agency (AA).
Очевидци велат дека безбедносните сили користеле боева муниција и солзавец за растерување на демонстрантите, кои кампуваат во близина на военото седиште уште од соборувањето на долгогодишниот судански претседател, Омар ал Башир, во април.
„Милициите кои ѝ припаѓаат на Владата агресивно нападнаа илјадници цивили на протестот“, се вели во соопштението на Суданската асоцијација на професионалци.
Сојузот на Декларација за слободата и промени соопшти дека 13 демонстранти загинале, а стотици се повредени во акцијата за растерување на демонстрантите од страна на безбедносните сили.
Опозицискиот преговарач, Абас Медани, бил повреден за време на акцијата.
Централниот комитет на Суданските лекари (CCSD) претходно соопшти дека деветмина демонстранти загинале, а повредени биле околу 20.
„Сметаме дека Транзицискиот воен совет (TMC) е одговорен за она што се случи ова утро“, истакнаа од Комитетот, а потоа повикаа на приклучување кон протестите со цел да се спротивстават на овој обид.
Но, Транзицискиот воен совет (TMC) негираше дека стои зад обидите за насилно разбивање на протестите.
„Ние не ги разбивме протестите насилно“, изјави портпаролот на Советот, Шамседин Кабаши, за весникот „Скај њуз Арабија“ (Sky News Arabia) од Дубаи.
„Младите се движат слободно и нема војник во подрачјето на протестниот камп“, додаде тој.
Портпаролот, сепак, рече дека безбедносните сили влегле во подрачјето „Коломбиа“, на улицата „Ал-Нил“ во Картум, што го опиша како опасно.
Кабаши очекува дека разговорите за транзиција кон цивилна власт ќе продолжат денес или утре.
Местото во близина на седиштето на Армијата беше епицентарот на протестите преку кои се бараше Транзицискиот воен совет (TMC) да ја предаде власта на цивилната влада.
На почетокот на април, воениот естаблишмент на Судан го собори Ал Башир по неколкумесечни демонстрации на населението против неговото 30-годишно владеење.
Транзицискиот воен совет (TMC) го надгледува преодниот период од две години во текот на кој се вети дека ќе организира претседателски избори.
Демонстрантите, сепак, останаа на улиците да бараат од Воениот совет да ја предаде власта што е можно поскоро на цивилните власти.