1 23
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
КАРТУМ (АА) - Поради протестите на луѓето кои бараат воспоставување цивилна власт во Судан, во главниот град Картум денеска се распоредени безбедносните сили и затворени се главните улици кои водат до Претседателската палата и штабот на војската, јавува Агенција Анадолија (АА).
Безбедносните сили ги проверуваат автомобилите пред почетокот на протестот.
Новинарот на Агенција Анадолија од терен јави дека безбедносните сили блокирале поголеми број од мостовите користејќи бродски контејнери и улици во центарот на главниот град, при што користеле бетонски бариери и бодликава жица за да ги спречат демонстрантите да дојдат до Претседателската палата и седиштето на командантот на војската и шеф на Преодниот совет за суверенитет, генералот Абдел Фатах ал Бурхан.
Организаторите на протестот објавија повик за одржување на протести денеска, во главниот град и во останатите градови на северноафриканската земја каде што повторно ќе побараат воспоставување цивилна власт.
Немирите во Судан започнаа на 25 октомври кога суданската војска ја смени преодната Влада на премиерот Абдал Хамдок и прогласи вонредна состојба.
Хамдок, меѓутоа, е вратен на власт на 21 ноември, според договорот со Абдел Фатах ал Бурхан, командантот на суданската војска, во потегот кој имаше за цел решавање на политичката криза која се закануваше да ја поткопа транзицијата на Судан кон демократијата.
Додека земјите, регионалните и меѓународните организации, вклучително Обединетите нации (ОН), го поздравија договорот, суданските политички и граѓански сили го одбија, сметајќи го за „обид за легитимизација на пучот“.
Пред военото преземање, со Судан управуваше Суверениот совет на воени и цивилни претставници, кој го надгледуваше периодот на транзиција до изборите кои се најавени за 2023 година.