Ekipa
30 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
КАРТУМ (АА) - Стотици демонстранти излегоа на улиците во главниот судански град Картум да протестираат против преземањето на власта во земјата од страна на војската што се случи неделава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што јави новинарот на АА, демонстрантите марширале од населбата „Ал-Калакла“ во источниот дел на Картум и во Бахри, северниот град близнак на главниот град.
„Демонстрантите извикуваа антивоени слогани и носеа транспаренти против пучот, и упатуваа повици за оставка на челникот на владејачкиот Воен совет, Абдел Фатах ал-Бурхан“, изјави сведок.
Во пресрет на протестите, Војската на Судан ангажираше дополнителни сили низ главниот град Картум, ги затвори главните релации и мостови што го поврзуваат градот со другите градови.
Денешните протести се организирани од страна на Суданското здружение на професионалци, коалиција на активисти, со кои се бара враќање на преодната цивилна влада во Судан.
Во понеделникот, владејачкиот Воен совет на Судан прогласи вонредна состојба и го распушти преодниот Суверен совет и Владата, неколку часа по приведувањето на премиерот Абдала Хамдок и министрите во неговата цивилна влада.
Советот исто така отстрани некои одредби од уставниот документ што ја одредува политичката транзиција во Судан.
Длабоките тензии помеѓу Војската и цивилната управа во Судан ескалираа по неуспешниот воен пуч минатиот месец, проследено со протести во Картум.
Пред военото преземање, Судан беше управуван од страна на суверениот Воен совет и цивилните службеници, кои го надгледуваа периодот на транзиција до изборите закажани во 2023 година.