Riyaz Khaliq Khaliq
08 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
АНКАРА
Талибанската администрација соопшти дека сака независен Авганистан за што побара соработка од меѓународната заедница за обнова на земјата зафатена од војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се надеваме дека ОН, најбогатите земји во светот и разни други организации ќе соработуваат со авганистанскиот народ и нема да ја користат нивната помош како алатка за политички притисок“, рече Забихула Муџахид, вршител на должноста заменик-министер за информации и клучен портпарол на привремената Влада на талибанците.
Повикувајќи на „искрена соработка“ во надминување на постојните проблеми за да се решат проблемите што настанаа како резултат на последните 20 години окупација, Муџахид рече: „Авганистанците мора да бидат оставени сами да одлучуваат за иднината на својата земја.“
Тој ја даде својата изјава на 20-годишнината од, како што талибанците ја нарекоа „воената инвазија“ на Авганистан од страна на САД.
„Исламскиот Емират [Авганистан] очигледно ги повлече своите сили од градовите за краток временски период, за да спречи цивилни жртви и уништување на градовите“, рече Муџахид.
Странските сили предводени од САД целосно се повлекоа од Авганистан на 30 август, завршувајќи ја најдолгата војна на Америка, според договорот потпишан со талибанците на 29 февруари 2020 година во катарскиот главен град Доха, што Муџахид го нарече „добар потег“.
Талибанците ја вратија контролата врз Кабул на 15 август, откако пропадна претходната администрација поддржана од Запад, а нејзините службеници избегаа од земјата зафатена од војна.
Талибанците претходно владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, кога странските сили предводени од САД ја нападнаа земјата во потрага по Ал Каеда и други милитантни групи.
„Американската инвазија во изминатите 20 години не резултира со ништо друго освен со жртви и безброј финансиски загуби за американскиот народ, а инвазијата резултира со илјадници маченици, лица со попреченост и лица оставени без покрив над главата“, рече Муџахид, додавајќи дека излезот на странските сили од Авганистан претставувало јасна порака до другите кои никогаш не треба да размислуваат да ја нападнат земјата.