Islam Uddin
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Привремената талибанска Влада во Авганистан денеска ги предупреди Соединетите Американски Држави (САД) да престанат со кршење на авганистанскиот воздушен простор за да спречат негативни последици, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението издадено од Кабул, портпаролот на талибанската Влада, Забихула Муџахид, рече дека американските напади со беспилотни летала во Авганистан се кршење на националната безбедност.
„Неодамна видовме дека САД ги прекршуваат сите меѓународни права, закони и неговите обврски кон Исламскиот Емират во Доха, Катар, додека американските беспилотни летала го напаѓаат светиот воздушен простор на Авганистан“, рече Муџахид, повикувајќи го Вашингтон да стави крај на овие прекршувања.
„Земјите, според меѓународните закони, се единствените сопственици на нивниот територијален и воздушен суверенитет. Затоа, Исламскиот Емират, како единствен правен субјект на Авганистан, е чувар на авганистанската земја и воздушниот простор“, објасни тој.
Муџахид ги повикува сите земји, особено САД, да го третираат Авганистан во согласност со меѓународните права, закони и обврски, земајќи го предвид заемното почитување и обврски, со цел да се спречат какви било негативни последици.
Минатиот месец талибанците го презедоа Кабул и објавија привремена влада во септември, откако американските војници ја напуштија земјата на 31 август.
На 29 август американската војска со беспилотно летало изврши напад на возилото на хуманитарниот работник Замари Ахмади во неговиот дом во Кабул. Тој беше осомничен дека е поврзан со ДЕАШ.
САД на 17 септември признаа дека воздушниот напад резултирал со смрт на 10 цивили, вклучително и хуманитарен работник и 7 деца.
„Сега проценуваме дека е малку веројатно возилото и оние што загинале да биле поврзани со ДЕАШ, или дека биле директна закана за американските сили“, рече шефот на Централната команда, генерал Франк Мекензи, кој претходно тврдеше дека Ахмади имал врски со ДЕАШ.
Мекензи им изрази длабоко сочувство на семејствата на жртвите и рече дека нападот бил извршен „со сериозно уверување дека ќе спречи непосредна закана за нашите сили и евакуираните на аеродромот“.
Меѓутоа, роднините на 10 лица убиени во нападот со беспилотно летало го отфрлија американското сочувство и извинувањето, нарекувајќи го нападот воено злосторство и барајќи правда според меѓународното право.