Riyaz Khaliq Khaliq
03 Септември 2021•Ажурирај: 04 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Кина ќе ја задржи својата амбасада во авганистанскиот град Кабул, соопштија талибанците, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Соопштението дојде откако Абдул Салам Ханафи, заменик-директорот на политичката канцеларија на талибанците во Доха, Катар, телефонски разговарал со заменик-министерот за надворешни работи на Кина, Ву Џаиангао“, изјави портпаролот на талибанците, Сухаил Шахин.
„Двете страни разговараа за тековната состојба на земјата и идните односи“, рече Шахин.
„Нашите односи ќе се зајакнат во споредба со минатото“, рече тој на Твитер, цитирајќи го Ву.
„Авганистан може да игра важна улога во безбедноста и развојот на регионот“, додаде Шахин.
Шахин рече дека Кина ќе ја зголеми својата хуманитарна помош за Авганистан, особено за лекување на Ковид-19.
Во средата талибанците рекоа дека Кина ќе биде нивниот „главен партнер“ и ќе помогне во обновата на Авганистан.
„Кина ќе биде нашиот главен партнер и претставува голема можност за нас, бидејќи е подготвена да инвестира во нашата земја и да ги поддржи напорите за реконструкција“, рече портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, во интервју објавено од италијанскиот весник „Ла Република“.
Претходно, Шер Мохамад Абас Станекзаи, шеф на политичката канцеларија на талибанците во Катар, се состана со Симон Гас, специјален претставник на британскиот премиер Борис Џонсон за транзиција во Авганистан.
„Средбата се фокусира на хуманитарна помош, безбедност и политички прашања, како и билатерални односи“, рече Мухамед Наим Вардак, друг портпарол на талибанците.
Цитирајќи ја британската делегација, тој рече дека тие ја удвоиле својата хуманитарна помош за Авганистан и „се подготвени да продолжат да соработуваат со Исламскиот Емират во овој поглед“.