Ekipa
04 Јули 2018•Ажурирај: 05 Јули 2018
БАНГКОК (АА) - Во понеделникот беа пронајдени 12-те момчиња на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер, девет дена откако останале заглавени во пештерскиот комплекс во северниот дел на Тајланд поради поплавите кои го блокираа влезот на пештерата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дванаесетте момчиња и нивниот тренер се снимени како седат со членовите на тајландската морнарица СЕАЛ во мрачната пештера, со видно слаби лица осветлени со светилки.
На видеоснимката, момчињата, од кои многумина биле замотани во облека за да се затоплат, се претставуваат еден по еден со традиционален поздрав и велат дека се здрави.
Видеото во траење од една минута е снимено вчера и објавено утринава на фејсбук-страницата на СЕАЛ. Морнарицата подоцна пушти уште две видеоснимки од момчињата.
Властите известија дека момчињата ги надгледуваат седум членови на СЕАЛ, меѓу кои и лекари кои останале со нив во пештерата. Децата претежно се во стабилна состојба и добиле високопротеински пијалаци.
Во најновата видеоснимка е прикажан припадник на СЕАЛ кој ги третира помалите исекотини на стапалата и нозете на момчињата со антибиотски масти.
Командантот на СЕАЛ, адмирал Арпакорн Јооконгкаев, вчера изјави дека евакуацијата на момчињата од пештерата не е итна, бидејќи внатре се безбедни. Поради поплавите момчињата би морале да нуркаат, што според експретите за спасување би можело да биде опасно.
Тајландските официјални претставници укажаа на тоа дека прогнозираните обилни дождови овој викенд би можеле да го принудат СЕАЛ да донесе одлука момчињата да пливаат и нуркаат низ пештерата, користејќи комплицирана рута на тесни премини низ кои влегоа нивните спасувачи.
Гувернерот на покраината Чианг Рај, Наронгсак Осатанакорн, изјави денес дека момчињата претходно носеле маски за нуркање и дишење, но смета дека немаат никакво искуство во нуркањето.
„Доколку е ризично или не е безбедно, нема да пристапиме кон извлекувањето. Мора да биде 100 проценти безбедно“, изјави Наронгсак.
Властите известија дека сè уште истражуваат други опции, како што е бушење на една страна од планината и пронаоѓање брзи начини за испумпување на водата од пештерата.
Експертите за спасување изјавија дека би било најбезбедно едноставно да ги снабдуваат момчињата и да чекаат нивото на водата да падне. Меѓутоа, тоа би можело да трае со месеци, со оглед на тоа дека тајландската сезона на дождови обично трае до месец октомври.