Muhammed Yasin Güngör
18 Мај 2025•Ажурирај: 19 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 27 лица загинаа откако моќни торнада ги опустошија американските сојузни држави Мисури, Кентаки и Вирџинија, предизвикувајќи огромни штети и вонредна состојба, како и прекини на струјата за стотици илјади луѓе низ централниот дел на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Анадолу.
Во Кентаки, бројот на загинати порасна на 18 откако вчера гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, потврди дека најмалку 14 лица загинале во неговата држава и предупреди дека бројот на жртви може да се зголеми додека продолжуваат спасувачките операции.
„Ова е уште едно тешко утро за Кентаки по ноќта со смртоносни временски услови“, напиша Бешир на X, додавајќи дека државата е во активна фаза на спасувачки активнсоти, со над 100.000 луѓе кои останале без електрична енергија.
Тој прогласи вонредна состојба пред налетот на бурата и рече дека планира да го посети градот Лондон, за да ја процени штетата. Пет окрузи издадоа вонредни состојби.
Националната метеоролошка служба опиша едно торнадо што удри кратко по полноќ во петокот како „исклучително опасно“.
Во сојузната држава Мисури, во невремето животот го загубија седум лица, пет во подрачјето на Сент Луис и две во југоисточниот округ Скот, според Ен-би-си њуз.
Во Вирџинија пријавени се две жртви.
Над 700.000 домови и бизниси во 12 држави останаа без струја, а Мисури и Кентаки се меѓу најтешко погодените, објави Си-ен-е, повикувајќи се на податоци од PowerOutage.us.
Торнада се пријавени и во Илиноис и Индијана.