Dildar Baykan
13 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не го загрижува 25. амандман, кој овозможува негова замена и за кој се зборува по минатонеделните нереди во Конгресот на САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на посетата на сојузната држава Тексас, Трамп го посети ѕидот кој е изграден на мексиканската страна за да го спречи влезот на нелегалните мигранти во земјата.
За време на обраќањето го прокоментира и тоа што социјалните платформи ги блокирале неговите профили, при што изјави дека слободата на изразување е нападната како никогаш претходно.
Осврнувајќи се и на дискусиите околу 25. амандман, кој му дозволува на потпретседателот да го смени претседателот ако не е во состојба да ја извршува должноста, Трамп порача:
„Дваесет и петтиот амандман за мене претставува нула ризик. Но оваа точка ќе се врати негативно на Џо Бајден и неговата администрација. Бајден, внимавај кои се твоите желби!“
Тој повтори дека повикува на умереност.
„Сега е време за закрепнување на нашата земја. Сега е време за мир и спокој“, изјави Трамп.
Тој реагира и на упадот во зградата на Конгресот.
„Минатата недела, милиони граѓани го видоа упадот во американскиот Конгрес и лутањето по неговите ходници. Како што секогаш зборував за време на овој мандат, мислам дека би требало да ја почитуваме американската историја и традиција. Причината зошто сме денеска тука е уште еднаш да нагласиме дека мора да го заштитиме владеењето на законот и да ги поддржуваме нашите безбедносни сили во Америка“, наведе Трамп.