Vakkas Doğantekin,Beyza Binnur Dönmez
29 Јуни 2019•Ажурирај: 01 Јули 2019
ОСАКА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп во завршниот говор на Самитот Г-20 во Осака испрати силни пораки за широк спектар глобални прашања, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во одговорот на прашањето за тензиите помеѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) поради S-400 и F-35, Трамп рече дека секогаш ја става Америка на прво место, но дека не може да ги затвори очите пред неправедното постапување кон Турција од страна на поранешната американска администрација, мислејќи на Барак Обама и турското барање за купување на американскиот одбранбен систем „Патриот“.
И покрај растечките повици на САД со кои се бара Турција да се откаже од договорот со Русија и купувањето на одбранбениот систем S-400, турските функционери ја опишуваат својата трансакција со Русија како завршена работа.
„Администрацијата на Обама ѝ рече ’не‘ на Турција, кога сакаше да го купи „Патриот“ и таа го купи S-400“, рече Трамп, нарекувајќи го како „неред“ двоумењето на администрацијата на Обама да го продаде на Турција системот „Патриот“.
Обвинувајќи ја администрацијата на Обама за актуелните тензии помеѓу двете земји поради S-400 и F-35, Трамп рече дека нема вина кај Турција или кај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Трамп му се заблагодари на Ердоган за ослободувањето на американскиот свештеник Ендрју Брансон, кој беше затворен во турски затвор поради наводна вмешаност во неуспешниот обид за пуч во 2016 година.
Во текот на денешниот состанок со Ердоган, Трамп го избегнуваше прашањето за Џамал Кашоги, но кога повторно беше запрашан за време на завршниот говор, рече дека е крајно лут на целата таа работа, мислејќи на стравичното убиство на новинарот во истанбулскиот Конзулат на Саудиска Арабија во октомври минатата година од саудиските оперативци, за кои се верува дека дејствуваат по наредба на саудискиот принц Мухамед бин Селман.
Меѓутоа, Трамп продолжи со реториката дека Саудиска Арабија е голем сојузник и не најави никаква акција против принцот Селман или Кралството.
За многу очекуваните трговски разговори со Кина, Трамп рече дека имал состанок со кинескиот претседател Си Ѓинпинг.
Трамп рече дека американските компании ќе продолжат да ги продаваат производите на кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј“ (Huawei), што беше извор на екстремните тензии помеѓу двете сили од кога минатата година е уапсена финансиската директорка на „Хуавеј“ во Канада на барање на американските власти.
Американскиот претседател рече дека преговорите продолжуваат и дека состаноците се подобри од очекуваното, но дека засега нема да има укинување на постоечките или додавање нови тарифи.